Премиерот Христијан Мицкоски денеска ги посети повредените во трагичниот пожар во Кочани и присуствуваше на состанокот на кризниот штаб на Министерството за здравство.
Тој им изрази огромна благодарност на здравствените работници за нивната пожртвуваност, како и на соседните земји за поддршката во справувањето со последиците од несреќата.
„Борбата продолжува, а се прават натчовечки напори сите пациенти да закрепнат и да се вратат дома во добра здравствена состојба,“ истакна премиерот.
Мицкоски нагласи дека Владата останува целосно фокусирана на справувањето со кризата и презема конкретни чекори за поддршка. Тој најави дека наскоро ќе бидат објавени информации за начините на помош и донации за настраданите.
„Благодарност до сите кои покажуваат хуманост и солидарност во овие тешки моменти,“ додаде тој.