Премиерот Христијан Мицкоски најави можност за масовни граѓански протести доколку судиите, на кои неодамна им беше изгласана недоверба во Собранието, не поднесат оставки. Во интервју за емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, тој истакна дека народот е „гладен и жеден за правда“ и нагласи дека ќе биде во првите редови на евентуалните протести.
„Ова е процес кој го бара народот. Судиите кои ја загубија довербата на институциите треба да покажат морална одговорност и да се повлечат. Во спротивно, ќе има соодветна реакција од јавноста,“ изјави Мицкоски.
Ниска доверба во судството
Премиерот посочи дека јавната доверба во овие судии е исклучително ниска, не надминува 2-3 проценти. Тој потсети дека Собранието веќе изгласа недоверба, но судиите и натаму остануваат на функциите, што според него претставува сериозен проблем за правниот систем во државата.
„Граѓаните со години гледаат неправда, корупција и селективна правда. Ова е момент кога мора да испратиме јасна порака – време е за промени во правосудниот систем,“ додаде Мицкоски.
Реформи според препораките на Оценската мисија
Во интервјуто, тој истакна дека реформите во судството ќе се спроведат според насоките од Оценската мисија, со цел да се воспостави ефикасен и праведен правосуден систем.
„Не станува збор за политички реваншизам, туку за обнова на довербата во институциите. Секој што не работел според законот ќе сноси одговорност,“ рече премиерот.
Во следниот период, Владата планира серија мерки за подобрување на правниот систем, вклучувајќи нови законски решенија и зајакнување на надзорот врз работата на судиите.
Ситуацијата останува неизвесна, а јавноста внимателно ќе ги следи следните чекори на судиите и институциите.