- Пратеникот на Левица, Сашко Јанчев, достави писмено прашање до премиерот Христијан Мицкоски, барајќи увид во купопродажниот договор со кој австриската компанија ЕВН го презеде ЕСМ.
Овој договор, потпишан од владата предводена од СДСМ, долго време е критикуван како штетен за граѓаните, особено во контекст на зголемените трошоци за електрична енергија.
Причина за ова барање се рекордно високите сметки за струја што граѓаните ги добија минатиот месец. Дека има неправилности во наплатата потврди и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, кој посочи дека постои „грабеж“ од страна на ЕВН. Сепак, и покрај оваа констатација, владата засега не презела конкретни чекори за заштита на потрошувачите.
Продажбата на ЕСМ во 2006 година беше оправдувана со аргументот дека приватна компанија подобро ќе управува со енергетската мрежа и ќе ја зголеми наплатата. Но, речиси две децении подоцна, проблемите не само што не се решени, туку се и продлабочени. Посебен пример е случајот со Арачиново, каде што, според самата компанија, штетата од ненаплатена струја изнесува околу шест милиони евра годишно поради нелегални приклучоци. И покрај тоа што ЕВН има точни податоци за сторителите, досега нема поднесено кривични пријави.
Дополнителен проблем што го посочува Левица е високата цена на мрежарината, која е најскапа во регионот споредено со земјите од поранешна Југославија. Оваа ситуација кулминираше минатиот месец со задоцнетите отчитувања на броилата, што резултираше со зголемени сметки за голем број граѓани. Додека граѓаните веднаш се соочуваат со камати доколку доцнат со плаќањето, грешките на ЕВН паѓаат на товар на потрошувачите, кои потоа мора да поднесуваат приговори.
Според Левица, од приватизацијата на ЕСМ најголем бенефит има исклучиво австриската држава преку компанијата ЕВН, која минатата година пријавила добивка зголемена за 546%. Со барањето за увид во договорот, опозициската партија настојува да се утврди дали ЕВН ги исполнила преземените обврски и дали граѓаните навистина имаат корист од приватизацијата.