Вести

Кривична пријава против целиот Совет: Владимир Панчевски   незаконски е исфрлен од трката за државен обвинител?

Поранешниот судија Владимир Панчевски објави дека поднел кривична пријава против претседателот, заменик-претседателот и членовите на Совет на јавни обвинители на Република Македонија, обвинувајќи ги за злоупотреба на службената положба при постапката за избор на Јавен обвинител на државата.


Во објава на неговиот личен профил, Панчевски наведува дека бил дисквалификуван од понатамошната кандидатура со образложение дека не исполнува услов за „најмалку 10 години непрекинат работен стаж од областа на кривичното право“. Според него, ваквиот заклучок е спротивен на официјална потврда издадена од Основен Кривичен суд Скопје, со која се потврдува дека бил во редовен работен однос како судија од февруари 2008 до јули 2020 година, односно има повеќе од 12 години непрекинат судиски стаж.
Советот, како што се наведува во образложението од седницата, оценил дека стажот не може да се смета за „непрекинат“ во смисла на законот, бидејќи на кандидатот функцијата му престанала пред 13 години и во меѓувреме не извршувал функција судија или јавен обвинител. Токму ова толкување Панчевски го оспорува, тврдејќи дека станува збор за погрешна и тенденциозна примена на законските одредби со цел негова елиминација од процесот.
Во пријавата се споменува и можен судир на интереси. Панчевски посочува дека заменик-претседателката на Советот, Марјана Илиеска, не се иззела од одлучување иако, според него, постои основ за сомнеж во пристрасност поради претходен судски предмет во кој тој донел пресуда против нејзин близок роднина.
Поранешниот судија најавува дека од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија и од Министерство за внатрешни работи на Република Северна Македонија очекува да постапат по пријавата „по допрен глас“ и да утврдат дали при одлучувањето биле пречекорени службените овластувања.
Случајот отвора пошироко прашање за критериумите и транспарентноста во постапките за избор на највисоки обвинителски функции. Од една страна стои тврдењето на Советот дека законските услови не се исполнети; од друга – обвинувањата за селективна примена на правото и лична дисквалификација.
Засега нема официјален став од Советот на јавни обвинители во врска со наводите изнесени во пријавата. Доколку институциите отворат постапка, случајот би можел да прерасне во сериозен тест за кредибилитетот на системот кој одлучува за врвот на обвинителската хиерархија во државата.

На крајот од објавата, Владимир Панчевски наведува дека нема големи очекувања институциите навистина да преземат нешто. Според него, постои сериозен сомнеж дека случајот, како и многу други претходно, ќе биде заташкан. Панчевски посочува дека главната причина поради која јавно ја објавил пријавата е, како што вели, „да го освести обичниот граѓанин“, на кого, додава, му го должи тоа поради големата поддршка што ја добивал во изминатиот период.

Споделете