Вести

Орце Ѓорѓиевски: Крај на расфрлањето – помали надоместоци и преполовени управни одбори во Град Скопје

Градот воведува нова пракса: плаќање само за одржани седници и редукција на членовите во управните и надзорните одбори.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска најави конкретни мерки со кои се става крај на долгогодишните неправилности во работењето на управните и надзорните одбори во градските институции. На седницата на Советот на Град Скопје е донесена одлука со која се намалуваат надоместоците и се кратат бројките на членови во овие тела.

Со години наназад, се исплаќале месечни надоместоци и кога седници воопшто немало. Парите завршувале како чист непродуктивен трошок, што го плаќале граѓаните. Со новата одлука, надомест ќе се добива само кога реално ќе се одржи седница, што ја елиминира старата пракса.

Се намалуваат и износите: наместо досегашните 12.000 денари за претседател и 10.000 денари за член, новите лимити се 10.000 и 8.000 денари.

Паралелно, се кратат и составите на управните одбори. Таму каде што имало и по 14 членови, бројката се сведува на максимум седум – чекор што го прави системот поефикасен и поодговорен.

„Ова е само почеток. Градот мора да функционира домаќински и транспарентно, без непотребни трошоци и импровизации,“ истакна Ѓорѓиевски, најавувајќи дека ваквите мерки ќе продолжат.

Со овие промени, Град Скопје поставува нов стандард во управувањето – фокус на работа, а не на привилегии.

Споделете