Вести

Заев со остар јавен одговор до Груевски: „Од бегство пишуваш епопеи, а тука никој не сака ни да ги дочита“

Поранешниот премиер Зоран Заев преку својот профил му реплицираше на Никола Груевски со низа критики, обвинувања и поенти за политичката одговорност, бегството и иднината на правдата во Македонија.

Поранешниот премиер Зоран Заев денеска јавно му одговори на Никола Груевски по неговата претходна објава на социјалните мрежи. Во остра и недвосмислена реакција, Заев го обвини Груевски дека и по бегството од Македонија продолжува да се занимава со политички пресметки и самопромоција, наместо – како што наведува – достоинствено да ја одлежи казната за делата за кои е осуден.

 

Заев посочи дека Груевски „не знае што да прави со самиот себе“ и дека, и од далечина, се обидува да контролира луѓе и процеси во земјата. Тој нагласи дека доколку Груевски ја прифател одговорноста и ја издржел казната, денес би можел да се обрати пред македонската јавност „со подигната глава, а не од бегство“.

 

„За разлика од тебе, неуспешниот боксер, ние пред политиката се занимававме со сопствена работа, и тоа успешно“, пишува Заев, додавајќи дека и по повеќе од четири години политичка пензија, неговото име постојано се споменува од луѓе поврзани со Груевски.

 

Во продолжение од реакцијата, Заев вели дека работи чесно и достоинствено, за разлика од Груевски за кого тврди дека „се капе во украдени пари“. Порача иронично дека поранешниот премиер треба да си најде хоби „додека се разубавува“, па дури го праша дали научил да подготвува гулаш.

 

На крајот, Заев изрази уверување дека ќе дојде ден кога Груевски ќе се појави во Македонија, нагласувајќи дека „добро знае каде треба директно да оди“.

 

„До свидания, Никола! Поздрав од Македонија, полноправна членка на НАТО!“, заврши Заев.

 

Оваа преписка меѓу двајцата поранешни премиери повторно ја вжешти политичката сцена, отворајќи нов бран јавни реакции и коментари за политичката одговорност, бегството и владеењето на правото во државата.

Споделете