Уапсен битолски бизнисмен, се сомничи за местење милионски тендери

Уапсен битолски бизнисмен, се сомничи за местење милионски тендери

 

БИТОЛА – Во утринските часови финансиската полиција уапси познат битолски бизнисмен под сомнение дека учествувал во местење на државни тендери вредни неколку милиони евра во периодот кога на власт беше СДСМ.

 

Според првичните информации од истрагата, станува збор за лице кое долги години е присутно во градежниот сектор и преку својата фирма учествувало во голем број јавни набавки поврзани со РЕК Битола.

 

Неофицијално, извори блиски до истрагата откриваат дека уапсениот е Борче Марковски, сопственик на компанијата „Марковски Компани ДООЕЛ“ од Битола – фирма која во последната деценија израсна во еден од најголемите изведувачи на градежни и земјени работи во југозападна Македонија.

 

Сомнежите се однесуваат на неколку тендери со вкупна вредност од над сто милиони денари, за кои истражителите тврдат дека биле однапред прилагодени на техничките и финансиските услови на фирмата на Марковски. На тој начин, конкуренцијата била ограничена, а државата претрпела штета.

 

Компанијата „Марковски Компани“ последниве години беше дел од повеќе договори со РЕК Битола, а јавноста веќе подолго време шпекулираше за поврзаноста на фирмата со поранешни функционери од тогашната власт. Според деловните податоци, фирмата лани остварила приход од речиси три милијарди денари и има околу 300 вработени.

 

Обвинителството за организиран криминал и корупција засега не излезе со официјално соопштение, но од таму најавуваат дека во наредните денови ќе бидат објавени повеќе детали за случајот и за евентуалното учество на други лица во постапката.

 

Апсењето предизвика бројни реакции во Битола, каде граѓаните со внимание ги следат настаните. Дел од нив коментираат дека конечно започнува расчистување со злоупотребите во јавните тендери, додека други предупредуваат дека случајот мора да се води внимателно и без политичка заднина.

 

Истрагата е во тек, а осомничениот се очекува во следните 24 часа да биде изведен пред судија на претходна постапка.

Споделете