Вести

Таравари – од „анти-ДУИ“ до сојузник на Ахмети: Политичка амнезија или калкулиран предавник?

По години реторика против ДУИ, Арбен Таравари направи политички пресврт и им се придружи токму на оние што ги обвинуваше за криминал, корупција и политички монопол.

Во едно од најконтроверзните политички преминувања на македонската сцена во последниве години, Арбен Таравари — до вчера гласен критичар на ДУИ и Али Ахмети — денес седи рамо до рамо со нив, во новоформираниот албански опозициски блок. Потегот ја подели јавноста, а особено ги шокираше неговите поддржувачи кои го гледаа како симбол на „новиот албански политички глас“, ослободен од сенката на ДУИ.

Овој пресврт не е само идеолошки недоследен, туку и длабоко дволичен. Во изминатите години, Таравари во бројни интервјуа, изјави и настапи јавно ја нарекуваше ДУИ „мафијашка структура“, ја обвинуваше за клиентелизам, корупција, заробување на државата, и ја обвинуваше за злоупотреба на националните интереси на Албанците во Северна Македонија. Денес, тој тврди дека „интересите на Албанците се над партиските калкулации“, и со тоа го релативизира токму сето она против што наводно се бореше.

Прашањето што се поставува е: дали се работи за лична амбиција, партиски притисок или ветување за политичка функција? Според извори блиски до партијата, во игра биле понуди за висока функција, па дури и поддршка за иден премиер со албанско потекло — опција која ДУИ ја користи како уцена во политичките преговори веќе со години.

Останува и фактот дека Таравари ја напушти коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ веднаш по судската одлука со која Зијадин Села беше вратен на чело на Алијанса за Албанците, со што Таравари остана без легитимна партиска структура. Наместо да се повлече или да побара нов мандат од своето членство, тој избра да се приближи до партијата која до вчера му беше „непријател број еден“.

Јавноста има право да постави прашања: Ако ДУИ била проблемот, зошто денес е решение? Ако Таравари бил алтернатива, зошто сега се губи во сенката на Ахмети?

Овој политички чин не е само удар врз кредибилитетот на Таравари, туку и уште една илустрација за тоа како во македонската политика идеологијата и принципите често се заменуваат со гола прагма и лични интереси. А за тоа, граѓаните секогаш плаќаат највисока цена.

 

Споделете