Скопје се подготвува за ново поглавје во јавниот превоз – „Градскиот воз“, проект кој долго време се најавуваше, конечно е на прагот да стане реалност. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека наскоро жителите на главниот град и околните населби ќе можат да го користат овој модерен транспортен систем, кој треба да донесе сериозно олеснување во секојдневното движење низ метрополата.
Изјавата беше дадена за време на увидот во изградбата на нова детска градинка во Инџиково, Општина Гази Баба, каде Мицкоски го истакна значењето на инвестициите во инфраструктурата и јавниот сектор.
„Ова е дел од пошироката реформа на целиот систем. Состојбата која ја затекнавме беше алармантна – без карго локомотиви, со блокирани вагони во Солун, со нефункционални возови и нерешени проблеми во јавните претпријатија. Сега, чекор по чекор, враќаме функционалност и перспективи“, рече Мицкоски.
Според него, минатата година Македонија не располагала ниту со една исправна карго локомотива, што довело до сериозни застои во железничкиот транспорт – повеќе од 1.000 вагони останале заглавени во солунското пристаниште, а некои од нив морале да се пренасочат преку други држави.
Во меѓувреме, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, минатата недела најави дека првата градска железничка линија, која ќе ја поврзува трасата Зелениково – Драчево – Кисела Вода – Аеродром – Центар, треба да биде ставена во функција до крајот на оваа година.
Инвестицијата за сите три линии на „Градскиот воз“ се проценува на околу 50 милиони евра, и претставува една од најзначајните урбани интервенции во последниве децении. Освен што ќе го растовари сообраќајниот метеж, проектот треба да придонесе и кон позелено и поорганизирано Скопје.
Граѓаните со нетрпение очекуваат да видат дали овој амбициозен проект ќе ја исполни својата мисија и ќе ја донесе посакуваната промена во секојдневното градско живеење.