Вести

Потпишан договорот за гасоводот со Грција – стартува најголемата енергетска инвестиција во Македонија

Денеска во Скопје беше официјално потпишан договорот за изградба на интерконекторот за гас меѓу Македонија и Грција, со што започнува реализацијата на најголемата енергетска инвестиција во земјава во изминатата деценија.

Со овој стратешки проект, долг 68 километри, Македонија ќе се приклучи на јужниот гасен коридор, обезбедувајќи директен пристап до природен гас и потенцијално до водород во иднина. Ова не само што ќе ја зголеми енергетската безбедност, туку и ќе придонесе за значително намалување на загадувањето и постепен премин кон почиста енергија.

„Овој интерконектор е доказ дека кога постои политичка волја, регионална доверба и професионална посветеност – резултатите се реални и опипливи“, изјавија од владата по потпишувањето на договорот.

Изведувач на работите ќе биде компанијата Рапид Билд ДОО, која располага со сопствена механизација и стручен кадар, а има и искуство од слични проекти во регионот и надвор од него.

Проектот е финансиран со поддршка од Европската Унија, Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој – што дополнително ја потврдува неговата важност на регионално и европско ниво.

Официјалниот почеток на градежните работи се очекува наскоро, а завршувањето на интерконекторот ќе значи историски исчекор за македонскиот енергетски систем.

Споделете