Македонскиот пазар на телекомуникации наскоро би можел да добие нов импулс, откако Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) ја започна процедурата за доделување лиценца за трет мобилен оператор. Причина за оваа иницијатива, според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, е однесувањето на постојните два оператори, кое според него само ја потврдило потребата од посилна конкуренција.
„Со своето однесување, операторите направија сè за да се отстрани секоја дилема – потребен е трет мобилен оператор. АЕК веќе ја започна постапката за тендер за лиценца“, изјави Николоски.
Тој посочи дека придобивките од воведувањето на трет оператор се повеќекратни. Од една страна, државата ќе инкасира значителен износ од лиценцата, која се проценува меѓу 8 и 12 милиони евра. Од друга страна, се очекуваат и директни странски инвестиции, отворање нови работни места, како и конечно воспоставување вистинска конкуренција на пазарот.
„Во моментов, конкуренција практично нема. Двата оператори дејствуваат како еден, а тоа оди на штета на граѓаните“, истакна тој.
Дополнителен интерес предизвикува најавата дека освен унгарската компанија „4iG“, која веќе подолго време се споменува како потенцијален играч, интерес за македонскиот пазар пројавил и уште еден телекомуникациски оператор од Романија. Иако засега не се соопштува името на романскиот оператор, ваквите информации навестуваат дека конкуренцијата за лиценцата ќе биде сериозна.
Доколку постапката се одвива според планот, новиот оператор би можел да започне со работа веќе во текот на следната година, што би значело ново поглавје за македонскиот пазар на мобилни комуникации.