Случајот од Радовиш добива пресврт: Втора жена сведочи против насилникот!

Жртвата од видеото на ТикТок не сака да поднесе тужба против сопругот — ја обвинува мајка си дека ѝ го руши бракот

Жената од Радовиш, која се појави во вознемирувачко видео објавено на ТикТок, каде што е нападната од сопругот, одбива да покрене постапка против него. Таа во изјава до полицијата тврди дека видеото е старо и дека нејзината мајка го споделила без нејзина дозвола, со намера, како што вели, да ѝ го уништи бракот.

Случајот бил пријавен на 23 март од страна на мајката на жената. Полицијата веднаш реагирала и насилникот, 35-годишниот А.А. од Радовиш, истиот ден бил приведен и задржан во полициска станица.

Во разговор со надлежните институции и социјален работник, жената јасно кажала дека нема намера да го гони сопругот и дека нема да поднесе кривична пријава. Таа како причина навела лични причини.

Иако полицијата има основ за сомнение дека станува збор за кривично дело „телесна повреда“, за ваков случај е потребен формален предлог од жртвата за да продолжи постапката. Бидејќи таков предлог нема, истрагата продолжува под надзор на јавен обвинител од Радовиш.

Од полицијата информираат дека на 25 март е поднесена кривична пријава против А.А. и дека продолжуваат истражните дејствија за да се расчисти случајот до крај.

 

Споделете