Општина Сопиште обезбеди значајна донација од компанијата „ГРЕЕМАК ГРОУП“, со која ќе се подобрат условите во образовните и јавните установи на нејзина територија. Станува збор за 100 инвертер клими опремени со систем за внесување свеж воздух, детекција на јаглерод диоксид (CO₂), HEPA филтри и УВ лампи, наменети за училиштата, градинките, јавните установи и општинските претпријатија.
Како што информираше градоначалникот Јане Мицевски, целта на оваа донација е директно да се подобри квалитетот на воздухот во просториите каде престојуваат деца, вработени и граѓани, што има значење и за здравјето и за безбедноста.
Од Општината посочуваат дека ваквите партнерства со општествено одговорни компании се важен дел од нивната стратегија за подобрување на условите за живот во локалната заедница.
Градоначалникот упати благодарност до „ГРЕЕМАК ГРОУП“ за поддршката и придонесот, истакнувајќи дека вложувањата во подобра средина и здравје на граѓаните се инвестиција со долгорочни ефекти.
Донацијата се очекува да биде реализирана во наредниот период, по што установите во Сопиште ќе добијат модерни системи за климатизација и прочистување на воздухот, што особено е значајно во зимските месеци кога просториите поретко се проветруваат.
