Директорот на ЈП ДРИСЛА присуствуваше на лансирањето на најголемата иницијатива досега за поддршка на зелената транзиција на компаниите
Директорот на Јавното претпријатие ДРИСЛА, Стефче Трпковски, присуствуваше на официјалното лансирање на проектот „Зелени бизниси“ на ИНОВА, кој важи за најобемната и најсеопфатна иницијатива досега насочена кон поддршка на зелената транзиција на македонските компании.
Во својата изјава, Трпковски истакна дека за него претставува особена чест да биде дел од настан кој, како што рече, испраќа јасна порака дека одржливото работење повеќе не е избор, туку стратешка потреба за секоја сериозна компанија.
„Како директор на ДРИСЛА, од прва рака гледам колку е важно одржливоста да биде суштинска деловна определба, а не само формална обврска. Овој проект нуди конкретна и системска поддршка за компаниите што инвестираат во еколошки технологии, ефикасно користење на ресурсите и намалување на јаглеродниот отпечаток“, нагласи Трпковски.
Тој посебно ја потенцираше долгорочната визија на проектот „Зелени бизниси“, кој не се сведува на краткорочни мерки, туку претставува целосен трансформациски процес. Проектот, како што беше посочено, опфаќа финансиска и стручна поддршка, трансфер на знаење и создавање нова генерација лидери со јасна еколошка и економска визија.
Според Трпковски, поддршката од Европската Унија и Владата е дополнителен сигнал дека зелената транзиција станува еден од клучните столбови на економскиот развој во државата.
„Ова е вистинскиот пат кон поодржлива, поодговорна и поконкурентна македонска економија“, порача директорот на ДРИСЛА, упатувајќи честитки до ИНОВА за, како што рече, визијата и лидерството во градењето на зелената иднина.
