Николоски: Брисел прифати решение за проблемот на македонските професионални возачи
Брисел ќе донесе нова Стратегија за визи со која ќе се надмине долгогодишниот проблем со кој се соочуваат професионалните возачи од Македонија. Ова го соопшти Александар Николоски преку објава на својот Фејсбук профил.
Според Николоски, по интензивните напори на Владата и засилената дипломатска активност во изминатиот период, европските институции ги прифатиле ставовите на Македонија, при што возачите ќе бидат третирани како професионалци, што беше клучното барање на транспортниот сектор.
„Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. Тоа е тоа што го баравме“, напиша Николоски, додавајќи дека веста ја добил директно од Брисел.
Новата визна стратегија на Европската Унија, како што наведува тој, ќе значи системско и трајно решение за проблемот што со години го отежнуваше работењето на македонските превозници и возачи при нивните ангажмани во земјите членки на ЕУ.
Во објавата, Николоски упати благодарност до сите, како што вели, пријатели на Македонија кои придонеле овој процес да добие позитивен исход.
Повеќе детали за содржината и примената на новата Стратегија за визи се очекуваат во наредниот период.
