Долгогодишниот проблем со паркирањето во и околу Клиничкиот центар во Скопје конечно добива конкретно решение. Градот Скопје ќе изгради две монтажни катни гаражи со околу 500 нови паркинг места, со што значително ќе се олесни пристапот за пациентите, здравствените работници и итната медицинска помош.
Како што информираше градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска е одржан координациски состанок со министерот за здравство Азир Алиу, како и со стручните тимови од ЈП „Градски паркинг“ и Град Скопје, со кој официјално започнува процесот за реализација на проектот.
„Станува збор за трајно, функционално и одржливо решение кое директно ќе го подобри секојдневието на илјадници граѓани кои секојдневно доаѓаат на Клиничкиот центар“, истакна Ѓорѓиевски. Според него, новите гаражи ќе овозможат подобра организација на сообраќајот, слободен и непречен пристап за итната помош и поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот.
Проектот се реализира во координација со Владата и со поддршка од премиерот Христијан Мицкоски, а од Град Скопје нагласуваат дека изградбата ќе биде во согласност со современите урбанистички стандарди и со почитување на јавниот простор.
Со овој инфраструктурен зафат, надлежните очекуваат конечно да се стави ред во паркирањето во еден од најфреквентните делови на градот, каде со години пациентите и медицинскиот персонал се соочуваат со сериозни проблеми.
„Ова е само еден чекор во пошироката визија за пофункционално и поодржливо Скопје“, порачуваат од Градот, најавувајќи дека вакви проекти ќе следуваат и во други делови на главниот град.
Клиничкиот центар добива две катни гаражи: 500 нови паркинг места за крај на сообраќајниот хаос
