Вести

Во дом  на судија пронајдени 350 илјади евра скриени во ѕид

Во рамки на проширена истрага за корупција и трговија со влијание, надлежните органи пронајдоа 350.000 евра сокриени во ѕид во семеен објект во Неготино, информираат извори од истрагата. Парите биле откриени при претрес во домот на родителите на судија од Апелацискиот суд во Скопје.

Истражните дејствија се поврзани со случај во кој претходно бил осомничен адвокат за примање награда за противзаконито влијание, а по новообезбедени докази постапката е проширена и кон судијата. Според информациите од Јавното обвинителство, постојат сомневања дека се работи за противправно стекнат имот кој бил прикриван со цел да се избегне неговото откривање.

Претресот бил извршен по судска наредба, а во текот на деталниот увид, истражителите наишле на значителна сума готовина, внимателно соѕидана и скриена во конструкцијата на објектот. Пронајдените пари се одземени и ќе бидат предмет на финансиска анализа во понатамошната постапка.

Истрагата ја води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, со поддршка од Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција и Агенцијата за национална безбедност. Од обвинителството најавуваат дека истражните активности продолжуваат и дека јавноста ќе биде навремено информирана за сите нови сознанија.

 

Споделете