Вести

Мицкоски: Вкупно околу 110 милиони денари се вложени во ГАК, од кои 35 милиони се за реновирање

Добар ден и од мене. Јас немам многу што да додадам на тоа што директорката и министерот го кажаа, само да се заблагодарам на вработените во Клиниката, на директорката за посветената работа. Се сеќавате и кога почнувавме со овој проект, го почнувавме пред неколку месеци и тогаш имаше луѓе коишто можеби не веруваат дека за така кратко време ќе се сработи сето ова и ќе се стави во функција онака како што денеска изгледа.

Исто така, и тогаш се поставуваа прашања дали функционалноста на самиот објект ќе продолжи и покрај реконструкцијата. Како што можеме да заклучиме дека не само што продолжи, туку оваа година имаме повеќе родени бебиња од претходната година, така што јас им честитам на вработените на Клиниката.

Да се заблагодарам на министерот, на директорот на Фондот, на сите оние коишто дадоа свој придонес да ова денеска изгледа вака.

Немедицинскиот дел е исто така многу значаен. Да речеме онаа настрешница која што е пред објектот, која што претходно не постоеше, па затоа што не постоеше имавме прокиснување во подрумскиот дел каде што беше сместена енергетската мрежа, би рекол, енергетскиот дел од самиот објект, којшто, ако се сеќавате тогаш, најголемиот дел од вас ве препознавам и тогаш бевте на тој прилог, можевте да го снимите како сето тоа изгледа. Сега тоа е заштитено и би рекол, поголеми катастрофи се спречени со изградбата на оваа настрешница.

Исто така, покрај оние 34, 35 милиона за реновирање, тука не треба да се заборават и оние 75 милиона за опрема коишто се исто така потрошени или вкупно околу 110 милиони денари се вложени во оваа болница, во овој објект.

И тука не застануваме и како Влада, продолжуваме и понатаму. Нашата цел е да го јакнеме јавното здравство, граѓаните да добијат јавно здравство онакво какво што заслужуваат, се разбира.

Нашата политика е prolife политиката, односно да испратам уште една порака до младите да се одлучат да се реализираат како родители, да се раѓаат што е можно повеќе бебиња, затоа што денеска видовме една статистика, за којашто јас често пати зборувам во јавноста, од 2016-тата до 2024-тата имаме за 6.000 помалку родени бебиња. Ако е една училница од 20 ученици, тоа значи 300 празни училници имаме сега и ако една училница е долга 20 метра, имаме 6 километра празни училници. Отприлика вака изгледа изумирање на една нација. Ако на некого тоа не му е јасно јас би сакал преку бројки да кажам, колку и да бидам критикуван јас ќе си продолжам со ова што го кажувам затоа што мислам дека за бадијала ние правиме и училишта и градинки и игралишта и улици и булевари и автопати и се ако нема кој тоа да го користи.

Затоа мојата порака до младите е љубовта кон татковината се манифестира со тоа што одлучуваме, се разбира тоа е лична одлука, но, одлучуваме да создадеме семејство и да се реализираме како родители.

Уште еднаш благодарност до вработените во Клиниката, до директорката, до министерот, до директорот на Фондот, до сите оние коишто учествуваа во реализацијата на овој објект и секоја година да постигнуваме рекорди и секоја година да биде подобра споредно со претходната, според бројката на родени деца.

Ви благодарам.

Споделете