По години чекање и неизвесност, градот ја стартува постапката за изградба на модерен Луна парк според највисоки европски стандади
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на својот личен профил ја сподели веста што долго ја очекуваа скопјани – започнува јавната набавка за проектирање и монтажа на новиот Луна парк, проект кој со години беше само ветување.
Со ова скопјани конечно добиваат простор што ќе им понуди забава, авантура и безброј спомени за целото семејство. Новиот Луна парк ќе се протега на површина од 84.000 квадратни метри и ќе биде изграден според највисоки европски стандарди за безбедност и пристапност.
Планирани се ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри, зони со виртуелна реалност и современи реквизити како панорамско тркало, пиратски брод, подморница и други содржини што ќе го збогатат туристичкиот имиџ на главниот град. Посебно внимание ќе биде посветено на пристапноста за лицата со попреченост, како и на системите за безбедност, видео надзор и прва помош.
На просторот ќе бидат сместени и зони за одмор, улична уметност, културни програми и театар со затворена сцена, со што Луна паркот ќе стане ново урбано средиште за забава и дружење.
„Како што ветив – најдоброто доаѓа“, порача Ѓорѓиевски, истакнувајќи дека овој проект означува нов почеток за модерно, гордо и достоинствено Скопје.
