Вести

Мицкоски: „Додека сум премиер, Македонија нема да прифати ниту еден илегален мигрант“

Премиерот силно возврати на, како што ги нарече, паушалните и политички мотивирани обвинувања од СДСМ.

Премиерот Христијан Мицкоски денес преку својот официјален профил упати јасна и недвосмислена порака во врска со политичките напади и шпекулации кои во изминатите денови доаѓаат од редовите на опозициската СДСМ.

 

Во својата изјава, Мицкоски порача дека Владата нема да дозволи Македонија да стане точка за прифаќање или сместување на илегални мигранти, истакнувајќи дека државата има обврска да ја штити сопствената безбедност, стабилност и интересите на граѓаните.

 

„Додека јас сум премиер, додека јас сум претседател на оваа влада, нема да никне ниту еден шатор за сместување на илегални мигранти и нема да примиме ниту еден илегален мигрант. Напротив, ќе ја зајакнеме нашата борба, заедно со нашите сојузници во рамките на НАТО, против илегалната миграција“, истакна премиерот.

 

Мицкоски нагласи дека обвинувањата од СДСМ се „паушални, недоказани и целосно во функција на дневнополитички маркетинг“, додавајќи дека граѓаните одамна препознаваат вакви обиди за создавање страв и манипулација.

 

Од Владата уверуваат дека политиката кон миграцијата останува јасна – нула толеранција за илегални преминувања и засилен систем на контрола на границите во координација со меѓународните партнери.

 

Пораката на премиерот доаѓа во период на зголемени политички тензии, но според него, државата останува стабилна и фокусирана на заштита на националните интереси.

 

Со ова, Мицкоски уште еднаш испраќа сигнал дека неговата влада нема да дозволи притисоци, шпекулации или политички конструкции да ја одвлечат од јасно поставените приоритети: безбедноста на Македонија и сигурноста на нејзините граѓани.

Споделете