По две третини од казната и бројни здравствени проблеми, Ќосето конечно излегува од затвор
Горан Ангелов – Ќосето, еден од осудените во случајот „27 април“, денеска излезе на слобода по осум години минати зад решетки. Тој потврди дека добил условен отпуст, откако ја одлежал законски потребната две третини од казната, односно 8 од 11 години затвор.
Во изминатиов период, поради сериозни здравствени проблеми, Ангелов неколку пати добиваше прекин на издржувањето на казната, но секогаш по одлука на судот се враќаше во затвор. Со денешната одлука тој стана првиот осуден во овој случај кој добива условна слобода – процес што самите обвинети го нарекуваа политички монтиран.
Ангелов уште од првиот ден тврдеше дека не е виновен за делото „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“
Осудата се однесува на настаните од 27 април 2017 година, познати како „крвавиот четврток“, кога беше извршен насилен упад во Собранието. Во овој процес правосилни казни добија 16 лица, од 7 до 16 години затвор.
Откако веста се прошири на социјалните мрежи, под објавите за неговото пуштање се појавија стотици лајкови, честитки и поддршка од граѓани кои ја следеа неговата судска сага во изминатите осум години.
