НАПАД ВРЗ НАШЕТО КУЛТУРНО БОГАТСТВО
Што точно е однесено од Македонија и каде се наоѓа денес? – Истражување за артефактите што завршија во бугарските институции
Во јавниот дискурс со години доминираат дебатите за историските личности што Бугарија ги присвојува: Самуил, Кирил и Методиј, Климент и Наум, па сè до цела низа средновековни дејци. Но суштинскиот, најболен дел од приказната ретко се отвора гласно – од Македонија не се присвојувани само имиња и биографии, туку се однесени вистински предмети: икони, митри, ракописи, црковни реликвии, археолошки богатства и документи со непроценлива вредност.
Тоа не се симболични категории. Тие имаат потекло, инвентарни броеви, архивски записи и јасни траги. И токму тие траги водат во Софија.
Охрид – што стои денес во бугарските витриниИстражувањата на новинари, историчари на уметност и експерти, меѓу кои Нове Цветановски и Јован Ристов, сведочат за систематско изнесување на реликвии особено во временските периоди на бугарските окупации во Првата и Втората светска војна.
Во Националниот историски музеј во Софија денес се чуваат:
Златната митра на свети Климент Охридски – уникатно уметничко дело, обвиено со стотици камења, чие финансиско, но пред сè духовно значење е огромно.
Жезолот на свети Климент, пронајден кај охридскиот Имарет.
Царските двери од некогашната охридска црква „Св. Климент“.
Плаштеница на Андроник Палеолог и бројни други реликвии донесени од охридските храмови.
Сите овие предмети, документирано, биле одземени од бугарските воени и административни власти и префрлени во бугарски културни институции каде што остануваат до денес.
Манастирот „Свети Наум“ – артефакти пренесени „на заштита“, а потоа исчезнати
Од манастирот на брегот на Охридското Езеро, денес во бугарските музејски депоа се наоѓаат:
Сребрена кутија со мошти од неколку светители;
Две богослужбени евангелија;
Позлатен путир;
Златна плаштеница.
Официјалниот изговор бил дека предметите се носат „на заштита“ од воени дејства. Но нивната конечна дестинација – бугарски колекции – говори за друга приказна.
Битолско – икони со доказливо потекло
Од Маловишта, Драгош и околните села се однесени десетици икони:
100 икони од црквата „Св. Петка“ во Маловишта,
25 икони од манастирот „Св. Илија“ во Драгош,
Икони од Подмол, Новаци, Наколец и други места.
Овие дела припаѓаат на дебарско-реканската и охридската зографска школа – стилови со недвосмислени авторски потписи и препознатливи карактеристики, што го прави нивното потекло неспорно.
Ракописи, златни маски и археолошко богатство
Според досегашните податоци:
околу 1.000 ракописни книги и документи;
златни маски од светски познатата некропола кај Требениште;
бројни археолошки и црковни предмети;
се изнесени од различни делови на Македонија. Дел од нив денес се изложени или складирани во бугарски институции.
Зошто никогаш не беа вратени? – Правните и политичките празнини
Историчарот Јован Ристов потсетува дека во 1954 година југословенската дипломатија побарала од Македонија комплетна документација за украдените предмети. Но систематска евиденција не постоела. Обидот пропаднал пред да почне.
Нове Цветановски во своите истражувања тврди дека до неговата книга не постоела целосна и интегрална база на податоци. Дури и денес, и покрај напредокот, голем дел од сликата е недовршен.
Митрополит Тимотеј сведочи дека од дебарско-кичевската епархија се однесени најголем број реликвии, под изговор за заштита. Подоцна, бугарските власти тврделе дека „дел се загубиле на пат од Скопје до Ниш“, но тие исчезнати артефакти повторно се појавуваат во нивните музеи и галерии.
Меѓународното право денес – можеме ли да ги вратиме?
Современото меѓународно право за реституција е најсилно применливо за предмети украдени по 2005 година. За културни добра изнесени пред еден век, постапките се значително потешки, но не и невозможни.
Потребно е:
целосна национална евиденција;
специјална служба за реституција;
асна државна стратегија;
користење на билатерални договори и дипломатски механизми.
Примерите од светот покажуваат дека држави како Германија, Грција и Италија успеале да ги вратат своите артефакти со упорност, документација и правни механизми.
Доказ дека е возможно – случајот со Албанија
Во 2024 година, по меѓународна акција, 20 македонски икони запленети во Албанија се вратени во земјава. За уште 35–36 икони од дебарско-реканскиот регион е во тек постапка.
Ова е јасен пример дека реституција е остварлива цел кога постои стручна и дипломатска упорност.
Борбата не е за учебници, туку за сопственост
Македонија не бара од никого да се откаже од своите историски наративи. Секој може да пишува учебници според своите гледишта.
Но златната митра на свети Климент, иконите од Маловишта, ракописите од нашите манастири, моштите од Св. Наум, знамето од Разловци и златните маски од Требениште – немаат простор за интерпретација. Тие имаат автор, потекло и дом.
А нивниот дом е Македонија.
Прашањето е едно:
Дали конечно ќе побараме враќање – или барем официјално признавање – на она што е наше, а со децении стои зад туѓи витрини?
Ова истражување е само дел од мозаикот. Целата вистина допрва треба да се состави.
