Вести

Град Скопје стартува офанзива против дивиот превоз: нелегалните возила ќе се одземаат шест месеци

Инспекторатот со засилени контроли за воспоставување ред во јавниот превоз

Град Скопје денес официјално ја започна најавената акција за расчистување со дивиот превоз, со цел да се воспостави ред и да се гарантира поголема безбедност за граѓаните. Инспекторатот на Град Скопје излезе на терен со засилени контроли насочени кон такси-возила, комбиња и автобуси кои работат без лиценца и надвор од законските прописи.

Според градските власти, нелегалните превозници претставуваат долгогодишен проблем кој нарушува фер конкуренција, го загрозува јавниот превоз и ги остава граѓаните без гаранции за безбедност. Новите мерки предвидуваат одземање на возилата кои функционираат нелегално на период од шест месеци, како и изрекување парични казни преку платни налози.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски потсети дека оваа акција била дел од неговите најави пред граѓаните, истакнувајќи дека денес се реализира конкретна обврска за воспоставување ред. Тој нагласува дека целта не е казнување по секоја цена, туку градење здрав систем во кој сите учесници работат легално, одговорно и во интерес на скопјани.

Контролите ќе продолжат секојдневно, со уште поголем интензитет во следните денови. Градските институции порачуваат дека хаосот и безредието во оваа дејност нема да бидат толерирани, а граѓаните ќе добијат сигурен, регулиран и безбеден превоз.

Со оваа акција, Град Скопје најавува дека продолжува со политиките за уредување на јавниот простор и воспоставување функционален и праведен систем за сите.

 

Споделете