Прво следат предупредувања, од јануари – автоматски казни за сите прекршители
Од денес во државата официјално ќе биде пуштен во употреба новиот систем на МВР – „Сејф сити“, кој преку мрежа на напредни камери ќе ги следи и автоматски ќе ги евидентира сообраќајните прекршоци. Проектот, најавуван подолг период, конечно влегува во пробна фаза, а првите известувања за прекршувања ќе почнат да пристигаат веќе во текот на наредните денови.
Според МВР, во периодот до крајот на годината системот ќе испраќа само предупредувања до возачите без парични казни. Овој воведен период има за цел граѓаните да се запознаат со новата технологија и да се прилагодат на заострените правила.
Од 1 јануари, меѓутоа, предупредувањата ќе прераснат во реални санкции. Секое прекршување што ќе биде снимено од „Сејф сити“ ќе се казнува автоматски, без субјективна процена и без исклучоци. Камерите ќе бележат пречекорување на брзина, поминување на црвено светло, неправилно престројување, недозволено свртување, како и други опасни однесувања во сообраќајот.
Од МВР појаснуваат дека системот ќе функционира еднакво и во градските средини и на автопатиштата, а целта е намалување на бројот на сообраќајни несреќи и подигнување на општото ниво на безбедност.
Граѓаните се предупредуваат да не се изненадат ако во следните денови добијат „честитка“ од МВР — тоа ќе значи дека системот регистрирал прекршок, но засега во форма на опомена. Вистинските казни, пак, ќе дојдат од јануари, кога „Сејф сити“ ќе почне да функционира со полн капацитет.
