Вести

Безбеден град“ стартува со алармантни 65.000 прекршоци во само 12 часа

Новата технолошка платформа на МВР за автоматско детектирање прекршоци веќе го покажува реалниот обем на сообраќајната недисциплина во Скопје.

Секторот за внатрешни работи – Скопје денеска официјално го означи почетокот на пробниот период на системот „Безбеден град“ (Safe City), со кој започнува нова фаза во дигитализацијата и зајакнувањето на сообраќајната безбедност. Првичните резултати се повеќе од алармантни: во првите 12 часа системот регистрирал вкупно 65.000 прекршоци.

Според податоците на МВР, од вкупната бројка:

2.800 прекршоци се однесуваат на поминување на црвено светло,

1.000 прекршоци се за нерегистрирани возила.

Овие бројки јасно укажуваат на сериозниот проблем со сообраќајната култура и ја потврдуваат неопходноста од воведување на систем кој ќе ја следи и санкционира недисциплината во реално време.

„Безбеден град“ овозможува сторителите на прекршоци да добиваат електронско известување, документирано со современи технички уреди и прецизни видео-записи. Од МВР порачуваат дека целта е јасна: повеќе безбедност, помалку прекршоци и нулта толеранција за ризично возење, без разлика дали станува збор за градски улици или патишта надвор од населени места.

Од Министерството истакнуваат дека системот ќе придонесе за подобра дисциплина, поголема транспарентност и побрза комуникација со граѓаните, нагласувајќи дека ова е инвестиција во спасени животи и побезбедни улици.

МВР најавува дека ќе продолжи со модернизација на процесите и унапредување на работата, со цел намалување на бројот на сообраќајни несреќи, штети и човечки жртви.

Споделете