Град Скопје започнува нов циклус на координација, расчистување и подготовка на проекти – Ѓорѓиевски уверува дека финансиската состојба е ставена под контрола за само две недели

По повеќе од три години застој, денес во просториите на Град Скопје се одржа првата седница на Координативното тело на градоначалници. Средбата, иницирана од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, според него, претставува „нов почеток“ и враќање на праксата на редовна координација меѓу сите скопски општини.
Ѓорѓиевски истакна дека преку ова тело, градоначалниците ќе работат заеднички на креирање на буџетот, решавање на наследените проблеми и превенирање на нови предизвици. „Без калкулации, со директна комуникација и заедничка волја“, порача тој на својата официјална страница.
Градоначалникот ја информираше јавноста и за затекнатата состојба во Град Скопје, посочувајќи ја како „критично лоша“, особено во делот на финансиското работење и нефункционалните јавни претпријатија. Сепак, по две недели на функцијата, тој тврди дека ситуацијата е стабилизирана.
Според Ѓорѓиевски, градските служби ги расчистиле големите и малите диви депонии, а јавните претпријатија што со месеци немале земено плата се веќе консолидирани, со исплатени придонеси и редовно работење.
Паралелно се започнати и тендерските постапки за повеќе проекти од програмата – меѓу кои кружниот тек во Ѓорче Петров, стабилизација на водниот притисок во високите зони, како и прашањето со проектот „Лимак“.
Посебно внимание Ѓорѓиевски му посвети и на Луна Паркот, за кој најави дека конечно се започнува процедура по децении чекање, „за нашите деца да добијат место за радост и игра“.
Градот ќе започне и со систематско отстранување на сите времените објекти што го узурпираат јавниот простор, при што градоначалникот најави дека нема да се дозволи тротоарите повторно да станат паркинзи.
„Следува многу работа, многу пот и труд. Ова е делот што ме исполнува – работа за народот и резултати што ќе се гледаат“, порача Ѓорѓиевски, додавајќи дека проектите ќе започнуваат паралелно во секој дел од градот, со цел „скопјани реално да го почувствуваат подоброто“.
