Вести

Македонска студентка блесна на отворањето на промоцијата „Викторија Амелина“ во Тирана

Марија Бургиева од Скопје одржа впечатлив говор пред Еди Рама и Федерика Могерини на свеченоста на College of Europe

Тирана, 21 ноември 2025 — Во свечена и достоинствена атмосфера, во преполната „Aula Magna“ на зградата „Лирија“, Колеџот на Европа го означи почетокот на академската година со промоцијата „Викторија Амелина“ 2025/2026 на својот кампус во Тирана. Настанот привлече големо внимание во регионалните академски и политички кругови, а во центарот на вниманието се најде и една млада Македонка.

Видео🔻🔻🔻

Меѓу повеќе угледни говорници на свеченоста, особено силен впечаток остави Марија Бургиева студентка од Скопје која годинава студира на магистерската програма на College of Europe со целосна стипендија. Нејзиниот краток, но содржаен говор беше поздравен со аплаузи од присутните, а многумина го оценија како еден од најискрените и највдохновувачките моменти на церемонијата.

Бургиeва проговори за важноста на регионалната соработка, за предизвиците и можностите со кои се соочуваат младите од Западен Балкан, но и за личната одговорност што ја носат студентите кои имаат привилегија да студираат на ваква престижна институција. „Ова е место каде што учиме да го гледаме регионот не како збир на поделби, туку како заеднички потенцијал,“ рече таа во своето обраќање.

Свеченоста ја одбележа и присуството на двајца високи гости: албанскиот премиер Еди Рама, кој го одржа воведниот говор, и ректорката на Колеџот на Европа, Федерика Могерини, кои од првиот ред ги следеа обраќањата на студентите.

Отворањето на академската година во Тирана ја потврдува растечката улога на кампусот како регионален центар за напредни студии по европски политики. Промоцијата „Викторија Амелина“ ќе ја памети оваа свеченост како почеток што ги обедини студентите од цела Европа и ја издвои Тирана како нова точка на академската мапа.

За Македонија, пак, настапот на Марија Бургиева претставува уште една потврда дека младите таленти од земјата сè поуверено чекорат на меѓународната сцена.

Споделете