Градоначалникот Ѓорѓиевски најавува крај на административните застои и воведување побрзи, поефикасни услуги за сите граѓани.
Градот Скопје денеска соопшти дека се изготвени вкупно 1.032 решенија поврзани со данок на имот, данок на промет, наследства и подароци, како и комунални такси за фирмарина.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информира дека со потпишувањето на овие предмети се испраќа јасна порака дека институциите мора да функционираат со темпо што соодветствува на потребите на граѓаните.
Ѓорѓиевски нагласи дека предметите се од различни правни основи и дека од сега ќе се обработуваат уредно, редовно и без непотребни одложувања. Според него, подготвените решенија во најкраток рок ќе бидат доставени до даночните обврзници, со што се унапредува навременоста и ефикасноста во работењето.
„Од овој момент, ниту едно решение без правен спор нема да остане заглавено во административни лавиринти. Го враќаме редот, одговорноста и навременото постапување,“ порача градоначалникот преку својата објава.
Тој додаде дека Градот прави сериозни напори за зголемување на приходите, со цел да се обезбеди стабилно финансирање и навремено подмирување на обврските што се во интерес на сите скопјани.
Од Град Скопје апелираат сите физички и правни лица навремено да ги исполнуваат своите даночни должности, со заедничка цел – да се придвижи главниот град напред и да се обезбеди функционална и одговорна локална администрација.
