Премиерот остро ги критикува меѓународните притисоци и потсетува дека државата нема да прави нови отстапки по цена на националниот идентитет
Премиерот Христијан Мицкоски вчера упати една од своите најостри пораки досега, алудирајќи дека дел од меѓународните партнери користат „булинг“ за да ја туркаат Македонија кон дополнителни уставни и идентитетски отстапки. Во изјава дадена пред новинарите, тој потсети на периодот пред осум години, кога во јавноста се ветуваше „европска иднина“ за најмногу три до четири години – ветување кое, како што рече, никогаш не се реализирало.
„Нè убедуваа дека сме фронт ранери, дека ќе влеземе брзо во ЕУ ако ги смениме имињата, презимињата, ако прифатиме што ќе ни се сервира. Поминаа тие години, а каде сме? Таму каде што бевме пред четврт век,“ истакна премиерот.
Мицкоски порача дека државата нема намера повторно да биде туркана во ќош, уште помалку да се доведува во состојба каде се проблематизира националниот идентитет. Според него, токму притисокот врз Македонија да прави нови, еднострани отстапки е вид политички булинг кој само ја забавува европската перспектива наместо да ја забрза.
„Ни велат дека ќе бидеме ‘најдобри’ ако го смениме Уставот уште еднаш. А ако може – да не сме Македонци, да сме нешто друго. Тоа нема да помине,“ нагласи премиерот, додавајќи дека Владата има силен демократски легитимитет од граѓаните и дека токму на тој мандат ќе се темели секоја идна политичка одлука.
Мицкоски увери дека Македонија останува определена за европскиот пат, но не по цена на идентитетски жртви. „Ќе напредуваме, но со исправена глава – не под закани и притисоци,“ порача тој.
Со овие зборови, премиерот испрати јасен сигнал дека Владата нема да прифати нови условувања и дека, како што вели, времето на политички диктати врз Македонија завршило.
