Ѓорѓиевски ја активира Финансиската полиција: Скопје бара одговорност за злоупотребите во јавните претпријатија

Градоначалникот на Скопје откри дека градот изгубил околу 20 милиони евра за четири години поради фиктивни вработувања – случајот веќе е пред Финансиската полиција.

 

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека веќе имал средба со претставници на Финансиската полиција, откако државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски побара од него официјално да достави докази за можни злоупотреби во градските јавни претпријатија.

 

Во изјава за МТВ1, Ѓорѓиевски нагласи дека во интерес на истрагата не може да открива детали, но целосно стои зад изнесените информации за незаконско работење. Според него, во изминатиот период од списоците на вработени биле избришани околу 500 лица кои земале плата без да доаѓаат на работа – појава што ја нарече „срамна и тешко кривична злоупотреба на институционалниот систем“.

 

„Станува збор за луѓе кои не биле реално ангажирани, а институцијата им овозможила злоупотреба. Градот губел околу пет милиони евра годишно, што за четири години е околу 20 милиони евра – колку што чини новиот Луна Парк, кој го чекаат генерации скопјани“, изјави градоначалникот.

 

Тој додаде дека побарал и индивидуална и командна одговорност – не само за лицата кои примале плата без да работат, туку и за оние кои ги потпишувале нивните исплати, како и за директорите на јавните претпријатија што го дозволиле тоа.

 

„Ова е прашање на морал, закон и доверба во институциите. Ако градот сака да оди напред, мора прво да расчисти со сопствените сенки“, порача Ѓорѓиевски.

 

Според информациите од Град Скопје, следните недели се очекува Финансиската полиција да ги разгледа доставените материјали и да утврди дали има основ за покренување кривична постапка.

Споделете