Градоначалникот Ѓорѓиевски и министерот Николоски договорија конкретни чекори за подобрување на транспортниот систем, нови еколошки автобуси и изградба на линиите на Градскиот воз.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес оствари конструктивна средба со заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, во просториите на Град Скопје. На средбата, како што соопшти градоначалникот, се разговарало за заедничките проекти меѓу Градот и Владата, кои имаат за цел да донесат реални и долгорочни бенефити за сите жители на главниот град.
Главна тема на состанокот биле инфраструктурните и транспортните решенија што треба да ја модернизираат градската мобилност. Особено внимание било посветено на реализацијата на проектот „Градски воз“, како и на набавката на нови, еколошки автобуси за јавниот превоз, кои ќе придонесат за почист воздух и поефикасно функционирање на транспортниот систем.
Министерот Николоски ја истакнал посветеноста на Владата за реализација на капитални инвестиции во Скопје, нагласувајќи дека токму преку вакви проекти ќе се постават темелите за неговиот иден развој.
„Скопје има потреба од нов план за трансформација на градскиот сообраќаен систем, кој ќе донесе поголема ефикасност, економичност и подобар квалитет на живот,“ стои во објавата на градоначалникот Ѓорѓиевски.
По најавеното започнување на изградбата на првата од трите линии на Градскиот воз, следниот приоритет ќе биде подготовката на другите две линии – кон Ѓорче Петров и Миладиновци.
Покрај тоа, Градот Скопје веќе е во комуникација со Владата за набавка на нови еколошки автобуси, кои треба да го подигнат квалитетот на јавниот превоз на значително повисоко ниво.
Градоначалникот Ѓорѓиевски упати благодарност до премиерот Христијан Мицкоски, министерот Александар Николоски и целата Влада за нивната поддршка и визија за развојот на Скопје.
„Скопје ќе го развиваме заедно, со работа, посветеност и јасна цел – да изградиме модерен и функционален град во кој сите ќе живееме подобро,“ порача тој.
