Премиерот на Унгарија од Вашингтон се враќа со „енергетски штит“ – Американците ѝ дозволија на Будимпешта неограничено користење на руски гас и нафта, додека Брисел останува новото бојно поле.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, по средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон, објави дека неговата земја постигнала договор со САД со кој Унгарија добива целосна и неограничена изземеност од американските санкции поврзани со користење руска енергија.
„Од американскиот санкциски систем успеавме да се извлечеме. Но со европските санкции допрва ќе водиме битка,“ изјави Орбан на заедничка прес-конференција со шефот на дипломатијата Петер Сијарто.
Со овој потег, Унгарија обезбеди слободен пристап до гасоводот „Турски тек“ и нафтоводот „Дружба“, преку кои земјата увезува поголем дел од руската нафта и гас. Орбан нагласи дека договорот ја спасил унгарската политика на ниски режиски трошоци, која е клучна за тамошната економија и животниот стандард.
„Без овој договор, сметките за струја и греење во декември ќе беа двојно повисоки,“ истакна премиерот, додавајќи дека американската страна целосно ги повлекла забелешките за изградбата на нуклеарната централа ‘Пакс 2’, проект што Унгарија го реализира заедно со Русија.
Министерот Сијарто откри дека и други европски држави се обиделе да добијат сличен изземок, но без успех.
„Да санкциите стапеа на сила, сметките на домаќинствата драстично ќе пораснеа. По денешната средба, таа опасност повеќе не постои за Унгарија,“ рече тој.
Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, ја искористи приликата да укаже на лицемерието во Европа.
„Некои држави зборуваат едно, а купуваат руско гориво. Тоа ме вознемирува повеќе,“ изјави Трамп, додавајќи дека разбира зошто Унгарија мора да ја следи реалноста на својата географија.
Орбан најави дека следната голема битка ќе се води во Брисел, каде што ЕУ планира до 2027 година целосно да се ослободи од руските енергенти. „Ќе се спротивставиме на тоа. Станува збор за одлука што може да се донесе со квалификувано мнозинство, без согласност на сите членки – а тоа не е патот на Европа,“ предупреди унгарскиот премиер.
Со овој потег, Будимпешта уште еднаш ја потврди својата независна енергетска и надворешна политика – дури и кога тоа значи судир со Брисел.
