Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави стабилизирање на јавниот превоз и нови 80 автобуси до март следната година

Само неколку дена по стапувањето на функцијата, новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави први конкретни чекори за подобрување на јавниот превоз во главниот град. На средба со приватните превозници, постигнат е договор според кој веќе од понеделник, 55 автобуси повторно ќе сообраќаат низ скопските улици.
„Со добра координација и заедничка волја, за помалку од 48 часа успеавме да постигнеме договор кој значи конкретен чекор напред,“ изјави Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека овој потег претставува сериозен исчекор кон стабилизирање на градскиот транспорт.
Според најавите, до Нова година во системот ќе бидат вклучени уште 20 автобуси, со што јавниот превоз во Скопје ќе се нормализира. Но, градоначалникот нагласи дека тоа е само почеток на долгорочен процес за подобрување на сообраќајот во метрополата.
„До март, во соработка со Владата и Министерството за транспорт, ќе обезбедиме уште 80 нови автобуси,“ порача Ѓорѓиевски, додавајќи дека паралелно се реализира и проектот за градски воз, како и подготовките за воведување на БРТ-системот (Bus Rapid Transit).
Со овие чекори, Град Скопје влегува во нов циклус на решавање на сообраќајниот хаос кој со години ги мачи скопјани.
„Свесен сум во каква состојба се наоѓа нашиот град. Свесни се и граѓаните. Но, како никогаш досега сум мотивиран да го направиме Скопје достоинствено, чисто и современо место за живеење. И ќе успееме. Го имате мојот збор,“ заврши Ѓорѓиевски.
