Од денес, главниот град испишува нова страница во својата историја. Новоизбраниот градоначалник на Скопје, го прими уверението за функцијата и најави енергичен почеток на мандатот со јасна порака – време е за промени, дела и нова енергија во управувањето со градот.

„Денешното уверение е симбол на довербата што ми ја дадоа граѓаните на Скопје, но и голема обврска да работам одговорно, посветено и силно, со јасна визија и конкретни резултати“, порача Ѓорѓиевски во својата прва официјална објава.
Новиот градоначалник им се заблагодари на сите скопјани кои, како што вели, препознале искреност и дела зад зборовите. Тој најави дека ќе биде градоначалник на сите граѓани, без разлика на нивната верска, национална или партиска припадност, со јасна определба да стави крај на поделбите и да работи за подобра иднина и достоинствен живот за сите.
Првите активности започнуваат веднаш. Веќе вечерва, во 20:30 часот, ќе стартува голема тридневна акција за чистење на градот под мотото „72 часа за чисто Скопје“, со што, како што рече, ќе го исполни првото дадено ветување.
Од утре следува и темелна реорганизација на јавните претпријатија, со цел тие конечно да функционираат во служба на граѓаните. „Скопје заслужува да биде град кој работи, кој се грижи за своите жители и кој дава резултати, а не оправдувања,“ нагласи Ѓорѓиевски.
Во наредните денови ќе бидат претставени и нови проекти насочени кон подобрување на инфраструктурата, образованието, спортот и животната средина. Една од клучните заложби, според најавите, ќе биде и целосно отворање на институциите кон јавноста и воспоставување вистинска транспарентност во работењето.
„Скопје конечно ќе биде отворен град. Време е за дела, не за зборови,“ порача новиот градоначалник, најавувајќи почеток на една поинаква, поодговорна ера во управувањето со македонската престолнина
