На 9 август 1946 година Софија официјално ја призна македонската нација, македонскиот јазик и отвори врата за обединување на Пиринска Македонија со тогашна НР Македонија – процес кој траеше само една деценија пред повторно да биде задушен.
Малку познат факт од поновата историја сведочи за период во кој македонската национална припадност била отворено призната од страна на соседна Бугарија. На 9 август 1946 година, официјална Софија ја прифатила реалноста за постоењето на македонската нација и македонскиот јазик, како и можноста за обединување на Пиринска Македонија со НР Македонија.
Демографските податоци од тој период потврдуваат дека мнозинството жители во Пиринска Македонија се декларирале како Македонци. На пописот во 1956 година дури 63,7 проценти од населението јавно се изјаснило за македонска националност.
Овој период бил обележан со културна автономија и силна афирмација на македонските национални вредности. Во училиштата бил воведен македонскиот литературен јазик и историја, а над 32.000 ученици ја следеле наставата на мајчин јазик. За таа цел, покрај локалните наставници, во регионот биле испратени и учители од НР Македонија.
Горна Џумаја (денешен Благоевград) станала културно средиште – во 1947 година таму била отворена првата македонска книжарница, читална и Македонски народен театар. Во јавноста се појавиле весници на македонски јазик, меѓу кои „Пиринско дело“, „Млада Македонија“ и „Млад борец“, а истовремено се формирале литературни кружоци и културно-уметнички друштва.
Но, овој процес бил нагло прекинат. По Резолуцијата на Информбирото во 1948 година и особено по 1956 година, Бугарија радикално ја сменила својата политика. Македонците во Пиринска Македонија биле присилно третирани како Бугари, а македонскиот јазик бил забранет и исфрлен од училиштата. Учителскиот кадар бил отстранет, а македонската културна дејност – уништена.
Денес, овие факти остануваат замолчени во бугарската јавност, но сведочат за историската вистина: македонската нација и јазик биле признаени, живееле и се развивале, сè додека политиката не реши да ја избрише таа реалност.