Вести

Франција го гони бугарскиот вандал кој го нападна македонскиот клуб во Благоевград

Еден од учесниците во вандалското каменување на Македонскиот културен клуб во Благоевград, Николај Иванов, се најде меѓу обвинетите во Франција за спроведување акции под диктат на руското разузнавање со цел дестабилизација на земјата.

Француските власти отворија судски процес против четворица бугарски државјани осомничени за учество во тајни операции организирани од Москва, објави агенцијата БГНЕС. Според обвинението, Иванов уште во февруари 2023 година бил дел од групата што го оштети Македонскиот клуб во Благоевград, а една година подоцна повторно се појавил како извршител на провокации – овојпат на француска територија.

На 11 септември годинава, парискиот суд започна расправа за случајот со вандализирањето на споменикот на Холокаустот во 4. арондисман. На ѕидовите беа оставени 35 црвени отпечатоци од раце, изведени со шаблони, што според обвинителството требало да изгледаат како антисемитска порака. Истражителите утврдиле дека акцијата имала манипулативен карактер, а инспирацијата доаѓала од израелско-палестинскиот конфликт и познатиот настан во Рамала во 2000 година.

За време на сослушувањата, обвинетите тврделе дека не знаеле кој стои зад задачата и дека дејствувале „во знак на поддршка за мирот“ или „на шега“. Сепак, истрагата предводена од судијката Катја Дубреј открила јасни траги што водат до Кремљ. Според наодите, Иванов примал инструкции на руски јазик преку апликацијата „Телеграм“ и барал извршители за изведување на операцијата.

Четворицата Бугари се соочуваат со сериозни обвиненија – криминален заговор и оштетување на имот со антисемитизам како отежнувачка околност, за што е предвидена казна затвор до десет години. Тројца од нив се во притвор од летото 2024 година, откако беа уапсени во Бугарија и Хрватска, а четвртиот сè уште е во бегство.

Судењето е закажано за периодот од 29 до 31 октомври, кога францускиот суд ќе ја донесе одлуката за групата чиј ангажман, според истрагата, не бил ништо повеќе од уште една алка во синџирот на операции што води директно до Москва.

Споделете