Мицкоски најави кадровски промени и побрзо темпо во Владата

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека по изборите ќе следуваат смени во партијата и во владата, со цел да се засилат реформите и економскиот раст, а притоа исклучи можност за коалиција со ДУИ.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека по претстојните избори ќе има промени и во партијата и во извршната власт. Тој рече дека кадровските освежувања се потребни за да се обезбеди поголема динамика во работата и уште посилен замав на реформите.

„Не станува збор дека сегашните кадри биле лоши или немарни, но на државата ѝ треба уште посилно темпо и нова енергија за да ги реализира промените што ги најавивме. На Македонија ѝ е потребен нов циклус на заеднички успеси“, истакна Мицкоски.

Тој посочи дека макроекономските показатели се позитивни, со раст на извозот, БДП и стопанската активност, и увери дека граѓаните наскоро ќе ги почувствуваат тие резултати во секојдневниот живот.

Осврнувајќи се на предизборните шпекулации за можни коалиции, Мицкоски категорично ги отфрли гласините дека ДУИ би можела повторно да стане дел од владата. „ДУИ останува во опозиција. Не ги ставивме таму за без да научат никаква лекција повторно да се вратат на власт. Македонија ќе каже ’не’ на СДСМ и ДУИ“, порача тој.

Мицкоски додаде дека очекува изборите да покажат јасна разлика меѓу политиките насочени кон развој и оние што, според него, се обременети со криминал, корупција и лични интереси.

Споделете