Преку координирана медиумска мрежа составена од портали како lupa.bg и vestimak.mk, се води прикриена кампања за влијание врз македонската јавност, зад која стојат структури блиски до бугарските служби и националистички кругови.
Во текот на последните месеци, Македонија е цел на интензивна хибридна кампања, која преку ширење на дезинформации и деструктивни наративи има за цел да поткопа јавната доверба и да изврши долгорочно влијание врз внатрешната стабилност на државата. Централна улога во оваа стратегија имаат неколку медиумски канали – најексплицитно бугарскиот портал lupa.bg, како и неговиот македонски реемитер vestimak.mk.
Lupa.bg со месеци објавува текстови кои го негираат македонскиот идентитет, шират дезинформации за наводна дискриминација врз Бугарите во Македонија и активно го промовираат бугарскиот националистички дискурс. Овие содржини, речиси без никаква редакциска интервенција, подоцна се превземаат и пласираат преку vestimak.mk како „локални вести“, при што се користи македонски јазик и терминологија за да се создаде впечаток дека станува збор за домашен медиум.
Од медиумска симбиоза до политичко оружје
Ваквиот модел – прво пласирање на провокативна теза на еден странски портал, потоа директно преземање од локален медиум без проверка – претставува класичен пример за дезинформациска офанзива. Намерата е јасна: да се внесат сомнежи, стравови и поделби во македонското општество, преку прикриен и постојан медиумски притисок.
Особено е симптоматично што vestimak.mk речиси никогаш не пласира оригинални анализи или репортажи од терен. Наместо тоа, доминираат преведени содржини со изразито идеолошки призвук, во кои се негира македонската историја, се потценува македонскиот јазик, или се ширaат сензационалистички наслови кои имаат функција да предизвикаат политички и етнички тензии.
Тивка, но опасна кампања
Иако јавноста честопати ги игнорира ваквите портали како неважни или „жолти“, токму оваа наивност ја прави операцијата поефикасна. Содржините се дистрибуираат на социјалните мрежи преку т.н. „инфлуенсери“, групи со националистички ставови или анонимни профили кои ги користат истите клучни пораки. На тој начин се создава илузија за „јавен став“, иако всушност станува збор за фабрикувана и технолошки насочена кампања.
Портали како vestimak.mk не се едноставно медиуми – тие се дигитални алатки во рацете на геополитички интереси кои сакаат да го ослабат македонскиот демократски амбиент, да ги поларизираат внатрешните дебати и да создадат постојан впечаток дека „Македонија е нестабилна и поделенa“.
Македонија, како мала и отворена земја, со сериозни геополитички предизвици, мора да биде свесна дека хибридното влијание не доаѓа секогаш со тенкови и дипломати, туку многу почесто преку линкови, портали и алгоритми.
Токму затоа, препознавањето и разобличувањето на ваквите медиумски структури – како lupa.bg и vestimak.mk – не е прашање на медиумска конкуренција, туку на национална будност и граѓанска одговорност.