Со невидена леснотија се шират фабрикувани обвинувања за дискриминација и наводно насилство врз „современи Бугари“ во Македонија – сè со цел да се оправдаат грубите притисоци врз нашата држава.
Сè почесто сме сведоци на координирани кампањи во кои одредени гласноговорници од Бугарија бесрамно пласираат лаги за наводна „системска дискриминација“ и „физичко насилство“ против т.н. современи Бугари во Македонија. Овие обвинувања не само што се целосно неосновани, туку се и опасно подривање на односите меѓу двете земји.
Последниот пример – лажната теза дека скопската градоначалничка Данела Арсовска била нападната поради нејзиното бугарско државјанство – претставува врв на манипулативна пропаганда. Такви изјави не се израз на незнаење, туку на свесна злоупотреба на фактите, во функција на градење лажен наратив кој треба да ја оправда политиката на постојан притисок врз Македонија.
За жал, ова не е изолиран случај. Во истата линија се и изјавите дека „216.000 Македонци извадиле бугарски пасоши“, што пропагандата го толкува како доказ за некаква бугарска припадност на тие луѓе. Но, реалноста е поинаква: тоа е последица на економски, а не етнички причини – пасоши се земаат заради можностите што ги нуди ЕУ, а не заради етничка определба.
Пописот од 2021 година говори сам за себе – само 3.504 граѓани се изјасниле како Бугари. Сè друго се политички конструкции.
Опасноста од овие дезинформации е реална – тие ја разгоруваат омразата и ја трујат јавната свест во двете земји. Наместо добрососедство, се нуди антагонизам. Наместо почит, се шири говор на омраза.
Истовремено, македонскиот идентитет се доведува под постојан удар. Политиките на негирање, историски ревизионизам и фабрикувани обвинувања веќе 150 години се обидуваат да го избришат постоењето на македонскиот народ. Денес, само добиле нова, „современа“ форма.
Македонија нема да молчи.
Ниту ќе дозволи лагата да стане вистина.
Граѓаните ја препознаваат пропагандата, и сè погласно ѝ се спротивставуваат.
Вистината е на страната на оние што немаат потреба да лажат за да постојат.