Култното летно прибежиште на скопјани станува недостижно за обичниот граѓанин – четиричлено семејство денес мора да потроши над 3.000 денари за еден ден на базен.
Кога ќе се спомене „војниот базен“ во Аеродром, првото нешто што на многумина им паѓа на ум е детството, мирисот на хлор и долгите, безгрижни летни денови. За многу скопјани, ова место е симбол на едно поинакво време – време кога летото значеше бавен ритам, ладен сок во рака и малку вода за разладување. Но, денес, реалноста на култниот воен базен е далеку од романтичната слика од минатото.
Само влезницата за четиричлено семејство чини 1.200 денари. Ако на тоа се додадат две макијата и два сока – што е прилично скромен пијалок за разладување – сметката достигнува 500 денари. А ако некој одлучи да се најаде, најевтината опција што се нуди се четири тоста – 600 денари. Без било каков луксуз или претерување, за еден обичен ден на базен во Скопје, едно семејство треба да издвои околу 3.000 денари, или приближно 50 евра.
Парадоксално, овој базен кој некогаш бил симбол на достапност и дружење, денес станува пример за тоа колку летните уживања се оддалечиле од џебот на просечниот граѓанин. Во време кога економската неизвесност го стега семејниот буџет, останува прашањето – за кого се овие базени?
Воен, но не и за народот. Или барем не за оној дел од народот кој секој ден ја брои секоја потрошена банкнота.