Со објава на својата официјална Facebook страница, актуелниот градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, го објави своето кандидирање за градоначалник на град Скопје.
Ѓорѓиевски, кој е дел од ВМРО-ДПМНЕ, со емотивен и мотивациски тон го претстави својот став и визија за главниот град, нагласувајќи дека кандидатурата ја прифаќа со „голема чест, срце полно благодарност и чувство на одговорност“. Во својата објава, тој истакнува дека останува верен на принципите по кои работел и досега – близок со граѓаните, присутен на терен, посветен и отворен.
„Не бев и нема да бидам класичен политичар“, вели Ѓорѓиевски, потенцирајќи дека граѓаните го познаваат како човек од народот, кој работи повеќе отколку што ветува. Тој додава дека не верува во политичка дистанца, туку во човечки контакт и непосредна комуникација со скопјани.
Ѓорѓиевски во објавата ја изрази благодарноста за поддршката која, како што наведува, ја добива од граѓаните, но и од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како и од Извршниот комитет на партијата. Истовремено, се заблагодари и на неговиот тим, за кој вели дека се „соработници, пријатели и борци“ што несебично вложиле труд во досегашната работа.
Кандидатурата за градоначалник на Скопје, според Ѓорѓиевски, е повеќе од политички потег – тоа е, како што вели, „обврска кон секој човек кој сонува за подобро Скопје“. Тој го најави својот план за модерна, безбедна и енергична метропола, град со улици полни живот, паркови со детска смеа, маала што раскажуваат приказни и инфраструктура каква што ѝ прилега на една европска престолнина.
Во неговото обраќање се вели и дека Скопје ќе биде повторно град на културата, достоинството и иднината, со визија да стане инспирација наместо разочарување.
„Ова не е ветување од политичар. Ова е збор од човек што знае што значи да се гради, да се крене, да се бори“, порачува Ѓорѓиевски, барајќи поддршка од сите граѓани – без разлика на политичка или етничка припадност.
Со оваа објава, Орце Ѓорѓиевски официјално го започнува својот пат кон локалните избори, најавувајќи активна теренска кампања и интензивна комуникација со скопјани.