“Ќе” – претставка на надежта, лагата и националната неизвесност!
Пишува :Владимир Панчевски
Во македонскиот јазик постојат многу интересни зборови, но ниту еден не е толку симболичен, поетски и трагикомичен како скромната, а сепак моќна претставка „ќе“. Таа не е само граматичка алатка – таа е животна филозофија, национална идеологија и официјална валута на скоро сите македонските изборни кампањи.
Што е „ќе“?
Според граматичарите, „ќе“ означува идно време.
Но, според просечниот македонец, „ќе“ означува:
• нешто што никогаш нема да се случи,
• нешто што можеби ќе се случи, ама после „следните избори“,
• нешто што веќе требаше да се случи, ама знаете… тендери, процедури, експерти…
Ќе во политички контекст:
Од 1991 година па наваму, „ќе“ е најкористениот збор во Уставот на народната надеж.
Еве неколку класични примери од реторичкиот репертоар на секој политичар:
• „Ќе изградиме 100.000 станови за млади!“
• „Ќе го вратиме достоинството на работникот!“
• „Ќе го зголемиме стандардот!“
• „Ќе ја донесеме правдата!“
• „Ќе го добиеме датумот за преговори!“
• „Ќе го фатиме криминалот!“ (Само што тој секогаш им бега преку граница со дипломатски пасош…)
Но реалноста?
• Ќе има метро или трамвај или не тролејбус… ама прво ќе копаме дупки за тестирање на подземни археолошки остатоци од изградени згради од по 10 ката без дозвола на државно земјиште.
• Ќе има Европска Македонија… ама во 2050-та, ако сме живи и здрави (и ако ЕУ уште постои).
• Ќе јадеме живи луѓе! (Живи се гнијат по затвори)
• Ќе се врати младината… откако ќе им истече работната дозвола во Германија, добро де ќе се врати за некој празник туристички за Велигден, Божиќ, Бајрам и слично.
„Ќе“ во секојдневниот живот:
Македонецот не само што го трпи „ќе“ – тој живее со него. Од мали нозе се учиме на него:
• „Мамо, кога ќе ми купиш велосипед?“
– „Ќе ти купам, синко, кога татко ти ќе земе плата.“
• „Друштво, ај ќе се видиме утре?“
– „Ќе видиме…“
• „Ќе почнам со диета од понеделник.“ (Понеделник? Кој понеделник?)
Дури и бабите велат:
„Ќе дојде редот и за тебе.“
(Ако не во животот – барем на општинската листа за социјален стан.
Науката вели:
Ако „ќе“ беше валута, Македонија ќе беше светска економска сила.
Ако „ќе“ беше извозен производ – ќе ја ставевме и Кина во џеб.
Ако „ќе“ беше мост, одамна ќе не споеше со Европа.
Ако „ќе“ беше градба – автопатот до Битола ќе беше спуштен со лифт од вселената.
Заклучок:
„Ќе“ е повеќе од збор.
Тоа е национално мото, дежурна изговорка, закон на политичката физика и извор на бескрајна сатира.
Сè додека постои „ќе“, ќе постои и надежта дека нешто ќе биде… иако веројатно нема да биде.
“Ќе” го разберевме сето ова и до сега да постоеше природна интелигенција ама вештачката “ќе” ни донесе напредок! 🤦🏻
Поздрав “ќе” има убави летни денови не е се така црно!
Што и да е, “ќе” видиме.