Асмир Јахоски, бизнисменот кој до неодамна се наоѓаше во притвор во истражниот затвор „Скопје“ – Шутка, се најде во центарот на јавноста откако фотографии на социјалните мрежи открија дека се наоѓа во Истанбул, Турција.
Иако на 6 мај судот му ја одзеде патната исправа како мерка за обезбедување присуство, „Скопје1“ дознава дека на Јахоски подоцна му бил одобрен времен пасош за краткотрајно патување надвор од земјата. Според информациите, бизнисменот поднел барање до надлежниот суд за привремено враќање на патната исправа, кое било прифатено од судиите. Со тоа, неговото присуство на семејна прослава во Истанбул е формално-правно овозможено и не претставува кршење на одредбите кои важат за него како осомничен.
Инаку, Јахоски се појави на фотографии кои на својот профил ги објави Алија Јахоски, кој упати честитки по повод завршено образование на член од семејството. На објавените слики, меѓу другите, се гледа и Асмир Јахоски во друштво со роднини, вклучувајќи го татко му и славеникот.
Сѐ уште не е познато кога точно му бил издаден привремениот пасош, ниту колку ќе трае дозволеното отсуство од државата. Од Кривичниот суд неофицијално се дознава дека Јахоски има обврска секој прв понеделник во месецот да се јавува во судот, што значи дека неговото присуство е очекувано веќе утре.
Асмир Јахоски е осомничен во предмет поврзан со набавката на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино. Минатиот месец беше пуштен од притвор по што понуди висока гаранција од неколку милиони денари како залог дека нема да избега.
Повеќе информации се очекуваат од судските органи, вклучително и детали за условите под кои Јахоски го добил привремениот документ за патување.