Нафтена компанија додели награда за првото уништување на западен борбен авион во рамки на специјалната операција
Дванаесет руски војници се наградени со вкупно 15 милиони рубли – приближно 200.000 американски долари – за соборување на борбен авион Ф-16 над украинското небо, објави британскиот „The Telegraph“.
Наградата ја додели руската нафтена компанија „Форес“, која уште минатата година најави дека ќе го стимулира уништувањето на западна воена техника на фронтот. Во официјалното соопштение од компанијата се наведува дека средствата биле префрлени на 29 мај, кога била организирана и свечена церемонија на доделување на паричните сертификати.
„Форес го исполни претходното ветување и им префрли 15 милиони рубли на припадниците на руските вооружени сили за соборување на првиот Ф-16 во зоната на специјална воена операција“, се вели во соопштението.
Програмата за наградување е дел од поширока стратегија на руските власти и приватни компании за охрабрување на војниците во борбата против модерната западна воена опрема, која сè почесто пристигнува во Украина.
Ф-16 се сметаат за еден од најважните адути на украинското воено воздухопловство. Официјален Киев очекува дека токму овие авиони ќе помогнат во зајакнување на контролата над сопствениот воздушен простор. Според достапните податоци, Украина досега изгубила најмалку три авиони Ф-16 од моментот кога првите примероци беа испорачани летото 2024 година.
Инцидентот го нагласува ризикот со кој се соочуваат украинските сили при употребата на западна воена техника во конфронтациите со Русија, која сè повеќе ги прилагодува своите методи и средства на фронтот.