Вести

Од лепак до лајкови: новото лице на партиската послушност

Некогаш ги препознававме по измазнетите коси, раскопчаните јакни и картонските кутии полни со четки и лепак. Се движеа по мрак, лепеа по ќошиња, мостови и бетонски столбови, оставајќи траг од „вечната љубов“ кон партијата и нејзиниот лидер. Тие беа војниците на асфалтот – лепачите на постери.

Денес, во 2025-та, тие истите лепачи добија нова форма. Наместо лепак – имаат WiFi. Наместо четки – им служат лајкови, срца и шерувања. Наместо ќошиња – ги „лепат“ лидерите по Facebook, Instagram и TikTok. Промоцијата на култот на личноста не исчезна – само се дигитализира.

Од подземје до newsfeed

Новиот тип на партиски послушник не се валка со лепак, туку со туѓи мисли. Неговата лојалност не се гледа на плакатите на автобуските постојки, туку во континуираните објави со партискиот лидер на слика, често обработена со филтер. Тие сега не шепотат по штабови – туку „брануваат“ со реактивни коментари: „Ти си нашиот спас!“, „Со тебе до крај!“ или „Да живее најдоброто за Македонија!“ (секако, во зависност од бојата на партискиот идол).

И не, не се само обични поддржувачи. Во многу случаи, зад тие профили се кријат вработени во јавна администрација, млади со ветување за работа, активисти со „проект“ на чекање. Сите тие се дел од новиот социјално-мрежен клиентелизам – систем кој го заменува класичниот теренски активизам со онлајн престава.

Новата пропаганда е брза, ефтина и „органска“

Во време кога алгоритмите одредуваат што ќе видиме, партиите ја разбраа вредноста на „органската“ видливост. Што повеќе објави, лајкови, видеа и коментари – толку поголем впечаток на поддршка. Но зад тој дигитален шум ретко стои автентична енергија. Тоа е симулирана реалност – вештачка маса што создава лажна перцепција за масовност.

Пропагандата се пресели од улични ѕидови во нашиот feed. И е далеку пософистицирана. Денес, некој млад лепач не оди по ТЦ Беверли Хилс или по Чаир со плакат во рака. Тој седи дома, отвора Canva, креира постер со партискиот лидер, лепи партиска порака и вели: „Завршив за денес. Ќе добијам лајк и од партијата.“

Но што значи тоа за демократијата?

Оваа дигитална лепачка армија не е проблем сама по себе. Проблемот е во монокултурноста на мислењето, во создавањето ехо-комори каде единствената вистина е партиската вистина. Кога целата јавна дебата се сведува на мемиња, слики од митинзи и бескрајни цитати од лидерот – тогаш критичката мисла исчезнува, а со неа и демократијата.

Кога секој млад човек што сака вработување мора да сподели по некој пост од лидерот, кога секој функционер мора да „реагира“ на секое партиско соопштение како што порано реагираа на „високиот гостин“ со аплауз – тогаш станува јасно: лепачите не исчезнаа – само станаа дигитални.

Што понатаму?

Нема ништо лошо во поддршка на политичка идеја. Но има многу лошо кога секоја идеја се сведува на лојалност кон еден човек. Кога од граѓаните се бара да бидат инфлуенсери на партијата, а не критичари на власта – без разлика која е на власт – тогаш сме пред сериозен демократски дефект.

Можеби време е некој од овие „интернет-лепачи“ да се запраша: Дали навистина веруваат во тоа што го објавуваат? Или пак објавуваат за да се видат – за да бидат видени? И дали, на крајот, оваа ера на дигитално полтронство ќе биде само уште една фаза – или почеток на нова форма на современа, но сепак неавтентична политичка култура?

 

Споделете