Вести

Мицкоски: Ќе нема уставни измени без признавање на Македонците во Бугарија

Премиерот ги повика сите политички чинители да застанат зад државните интереси и заеднички да лобираат во Европскиот парламент за извештајот кој го признава македонскиот идентитет и јазик

На денешната собраниска седница за пратенички прашања, премиерот Христијан Мицкоски испрати јасна порака до опозицијата, повикувајќи ја да се вклучи во заедничко лобирање кај европратениците за поддршка на извештајот за Македонија. Според премиерот, документот претставува важен исчекор, бидејќи експлицитно го признава македонскиот идентитет како засебен и историски континуиран, како и македонскиот јазик.

„Овој извештај не е само дипломатски успех, туку потврда на нашето постоење и на нашата посебност како народ. Време е сите заедно, независно од политичките разлики, да го поддржиме она што е суштински важно за државата“, истакна Мицкоски.

Во однос на уставните измени, премиерот повтори дека Владата нема да прифати никакво поместување од поставените позиции додека Бугарија не го признае постоењето на македонско малцинство во својата држава, односно додека Македонците не бидат дел од бугарскиот Комитет за малцинствата.

„Нема уставни измени додека нема признавање на Македонците во Бугарија. Тоа е прашање на принцип, достоинство и еднаквост во односите“, рече Мицкоски, нагласувајќи дека Владата ќе остане доследна на интересите на македонскиот народ.

Изјавите на премиерот доаѓаат во клучен момент, кога процесот на европска интеграција влегува во чувствителна фаза, а дебатата околу уставните измени повторно се актуализира на политичката сцена.

Споделете