Вести

Турската компанија „Шахтерм“ започнува со изградба на фабрика во ТИРЗ Скопје – инвестиција од 100 милиони евра

Во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје денеска ќе започне изградбата на нова фабрика на турската компанија „Шахтерм“, за која ќе биде поставен камен-темелник. На настанот ќе присуствува и премиерот Христијан Мицкоски.

Станува збор за инвестиција вредна 100 милиони евра, согласно договорот потпишан помеѓу компанијата и Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ).

Проектот предвидува изградба на современ производствен објект со површина поголема од 13.000 квадратни метри, како и отворање на околу 1.000 нови работни места. Дополнително, инвестицијата опфаќа и развој на центар за истражување и иновации, што ќе претставува прво меѓународно проширување на „Шахтерм“ надвор од Турција.

Компанијата има повеќе од четири децении искуство во производство на системи за греење кои се вградуваат во бела техника и домашни апарати. Денеска „Шахтерм“ се вбројува меѓу петте најголеми светски компании во оваа индустрија, а над половина од нивното годишно производство е наменето за странските пазари.

Меѓу нивните клиенти се вбројуваат реномирани светски брендови како „Whirlpool“, „Amica“, „Gorenje“, „Beko“ и „Candy“.

Оваа инвестиција се очекува да даде значителен придонес кон економскиот развој и отворањето на нови работни места во земјата.

 

 

Споделете