Вести

Македонија и Обединетото Кралство пред ново стратешко партнерство

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Тирана ќе се сретне со новоизбраниот британски премиер Кир Стармер, а на маса ќе се најде документ со кој се отвора ново поглавје во односите меѓу  Македонија и Обединетото Кралство.

Како што дознаваме од владини извори, токму на оваа средба се очекува да се финализира договорот за стратешко партнерство меѓу двете земји – документ што, според исти извори, се подготвувал неколку месеци од експертски тимови од двете страни.

Договорот предвидува продлабочена соработка во повеќе области, меѓу кои економијата, енергетиката, безбедноста, образованието и дигиталната трансформација. Ова ќе биде прв ваков тип договор меѓу Скопје и Лондон, со што Македонија се позиционира во сферата на интерес на една од највлијателните западни сили.

Од Владата велат дека овој чекор е од огромно значење за меѓународната позиција на земјава и претставува своевиден пробив на дипломатски план.

– Со потпишувањето на договорот се создава основа за зголемен ангажман и британски инвестиции во земјава, како и поддршка во клучни сектори – велат извори блиски до македонската делегација.

Средбата меѓу Мицкоски и Стармер е дел од Самитот на Берлинскиот процес, што се одржува денеска во Тирана, каде фокусот е ставен на регионалната поврзаност, економскиот развој и европската интеграција на земјите од Западен Балкан.

Повеќе детали околу договорот и неговата содржина се очекуваат во текот на денот.

Споделете