Вести

Посета во Љубљана: Директорот Ангелов ги зајакнува врските со македонската заедница во Словенија

Вчера во Љубљана се одржа значајна средба во духот на единството и грижата за македонската заедница во странство. Директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов, во придружба на отец Орце Пешов од Брегалничката епархија, ја посети Македонската Православна Црковна Општина „Св. Климент Охридски“.

На средбата со протоереј Митко Газинковски, беше разговарано за активностите на црковните општини во Словенија и нивната улога во зачувувањето на духовниот, културниот и националниот идентитет на Македонците. Посебен акцент беше ставен на интеграцијата на македонската заедница, која денес е почитувана и активно вклучена во сите сфери на словенечкото општество — од образование и здравство, до политика и бизнис.

Отец Газинковски истакна дека црквата е повеќе од духовен храм — таа е прибежиште и поддршка за секој нов дојденец, особено за младите студенти и семејства кои доаѓаат во потрага по подобар живот. Преку различни културни и социјални активности, црковните општини, заедно со Сојузот на македонски културни друштва, активно работат на зачувување на македонскиот јазик, култура и традиција.

Директорот Горан Ангелов, кој уште од самото назначување покажува посветеност и визија, ја презентираше програмата и активностите на Агенцијата за иселеништво, со кои се зајакнуваат врските помеѓу македонските заедници низ светот и татковината. Тој упати порака на благодарност до МПЦО „Св. Климент Охридски“ за нивната несебична работа и срдечен прием, а како симболичен дар подари икона од Св. Наум Охридски.

Оваа посета е уште еден доказ дека под водство на директорот Ангелов, Агенцијата за иселеништво се движи во вистинска насока — градење мостови, поттикнување на заедништвото и јакнење на врската со Македонија, каде и да се наоѓа нашиот народ.

Споделете