Скопје, 15 мај 2025 – Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска престојува во еднодневна посета на Македонија, во рамки на неговата турнеја низ Западен Балкан. Предвидено е Кошта да оствари средби со премиерот Христијан Мицкоски и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
По средбата во Владата, најавена е заедничка прес-конференција на премиерот Мицкоски и претседателот Кошта, каде што се очекува да бидат презентирани позициите и пораките поврзани со европската перспектива на регионот.
Во фокусот на посетата е потврдување на заложбата на Европската Унија кон Западен Балкан и поддршката за интеграцијата на регионот во Унијата. „Зајакнувањето на соработката со Западен Балкан е врвен политички приоритет за ЕУ и за мене лично,“ изјави Кошта во пресрет на неговата посета.
Од Владата најавуваат дека на средбата ќе бидат пренесени јасните ставови на Македонија во врска со уставните измени. „Нашите ставови се непроменети, затоа што засега не гледаме сигнал за промена на однесувањето од источниот сосед,“ изјави премиерот Мицкоски во најава на посетата. Тој додаде дека се надева оти во периодот што следи, фокусот ќе биде ставен на решенија, наместо на проблеми.
Поканет лично од Кошта, премиерот Мицкоски ќе го придружува на неговиот лет од Скопје кон Тирана, каде што вечерва е планирана неформална вечера со лидерите на земјите од регионот. Утре, во Тирана, ќе се одржи и состанокот на Европската политичка заедница.
Полскиот амбасадор во земјава, Мариуш Бримора, чиишто земја во моментов претседава со Советот на ЕУ, оцени дека посетата на Кошта е силен сигнал за подготвеноста на Унијата да го поддржи процесот на проширување. Тој најави и посета на полскиот премиер Доналд Туск на Скопје во наредните месеци, како дополнителен знак на европската поддршка.
Посетата на Кошта се случува во чувствителен политички момент, а вниманието на јавноста е насочено кон сигналите што ЕУ ги испраќа – и одговорите што се очекуваат од македонска страна.